| 08.01.2009 | 09:00 UTC
Израел ракетиран од либанска територија
Од либанска територија се истрелани ракети врз северот на Израел, соопшти израелската полиција. Најмалку три ракети експлодираа во близина на градот Нахарија, околу иосум километри јужно од границата со Либан. Најмалку едно лице е рането. Радилано-исламистичкото движење Хамас вели дека тоа не е дело на нагови припадници. Израел одговори со артилериски напад во пограничниот регион на Либан.
По првиот временски ограничен прекин на огнот заради дотур на хуманитарна помош во појасот Газа, борбите продолжија. Израелската армија во текот на изминатата ноќ ја засили офанзивата на југот на појасот. Сведоци известуваат дека десетици тенкови се движат во насока на Хан Јунис, град кој е упориште на Хамас. Од авиони е бомбардиран градот Рафа на границата кон Египет за да бидат уништени тунели за шверцување. радикално-исламистичкото движење Хамас возврати со ракетирање на израелските градови Ашкелон и Бершеба.
Разговори во Каиро за решение на конфликтот во Газа
Египет ги покани Израел, Палестинските автономни власти и Хамас на разговори за прекин на огнот во појасот Газа. Според изјавата на египетскиот амбасадор во ОН, претставници на сите поканети страни навестиле дека ќе дојдат во Каиро, каде ќе имаат одвоени средби со претставници на египетската влада. Заеднички разговори не се предвидени. Според израелските медиуми, во Каиро ќе патува Амос Гилад, човек од доверба на министерот за одбрана Ехуд Барак. На средбите во египетскиот главен град ќе биде разгледуван египетско-францускиот мировен план, кој предвидува по временски ограничените примирја да уследат разговори за трајно решение на конфликтот.
ЕУ преговара со Русија и Украина за спорот со гасот
Во Брисел денеска ќе се одржат повеќе средби на кои претставници на ЕУ и на претпријатијата Гаспром од Русија и Нафтогас од Украина ќе настојуваат да се најде решение за спорот околу гасот. Притоа треба да стане збор и за можен мандат за меѓународни контроли на протокот на гасот низ гасоводот што води преку украинска територија. Москва и’ префрлува на Украина за кражба на рускиот гас, што Киев го негира. Обете земји во принцип се согласни со ангажман на меѓународни набљудувачи.
„За европскиот потрошувач е ирелевантно дали проблемот е кај Русија или кај Украина. Ако дотурот не продолжи како вообичаено, тогаш имаме вистински проблем и ќе мораме да извлечеме консеквенции од тоа“, рече претседателот на Комисијата на ЕУ Жозе Мануел Барозо во Прага по една средба со чешкиот претседател Вацлав Клаус.
Македонија - лидерска средба в петок
Премиерот на Македонија и лидер на партијата ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски, им упати покана на партиските лидери на Социјалдемократскиот сојуз, Демократската унија за интеграција и Демократската партија на Албанците за средба, што би се одржала на 9-ти јануари. Единствена тема на лидерската средба треба да бидат претстојните претседателски и локални избори во државата, прашање од особено значење за европската перспектива на Македонија, како што се вели во поканата.
Претседателот на Албанија во посета на Косово
Претседателот на Албанија Бамир Топи од денеска ќе престојува во дводневна посета на Косово. Покрај разговорите со претставници на косовските власти во Приштина, Топи ќе го посети и Урошевац. Ова е втора посета на претседателот Топи на Косово.
Обама ќе се соочи со рекорден буџетски дефицит
Идниот американски претседател Барак Обама, според официјални прогнози, во првата година од мандатот ќе мора да се бори со рекорден буџетски дефицит. Бирото за буџет на американскиот Конгрес процени дека дефицитот во 2009 година ќе изнесува речиси илјада и двесте милијарди долари, повеќе од двојно отколку во минатата година. Во 2010 се очекува дефицит од 703 милијарди. Притоа, во проценките не се вкалкулирани планираните конјунктурни програми, кои би можеле да достигнат вкупен износ од 800 милијарди долари. Економистите сметаат дека дефицитот се должи пред се’ на многу намалените даночни приходи и на државната помош за финансиската и автомобилската бранша.
Програма за спасување на загрозени претпријатија
По пакетот мерки за спасување на банки, германската влада подготвува фонд за спасување на претпријатија, кои поради кризата тешко доаѓаат до кредити. Се разговара за гаранции на државата во вкупна висина до 100 милијарди евра. Во владата се вели дека овој инструмент би можел да биде дел од новиот конјунктурен пакет, договорен меѓу партиите на Унијата и СПД.
Расте невработеноста во Германија
Стопанската криза се одразува и врз пазарот на работна сила во Германија. Во декември бројката на невработени се зголеми за 114 илјади на вкупно 3,1 милиони. Тоа претставува стапка од 7,4 проценти. Важен индикатор за опаѓањето на стопанските активности е значителниот пораст на скратената работа. Во декември беше побарана скратена работа за 400 илјади вработени.










